Доделена наградата „Вавилон – нова генерација“ за 2026 година
Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, во партнерство со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и Јуроп хаус, на 30 септември 2026 година, по повод Европскиот ден на јазиците, ја додели наградата „Вавилон – нова генерација“ за најдобар студентски превод. Свеченоста се одржа во Europe House во Скопје.Првата награда ја освои Ивана Јаковова, за преводот на расказот „Night in Tunisia“ („Ноќ во Тунис“) од Нил Џордан, од англиски на македонски јазик. Жирито, составено од преведувачи, универзитетски професори и писатели, го оцени преводот како особено успешен по јазична прецизност и креативност и по доследно зачуван авторски израз и стил. Наградата ѝ ја врачи амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас. Таа опфаќа студиски престој за усовршување во областа на преведувањето и објавување на победничкиот превод во Годишниот зборник на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Прво почесно признание ѝ беше доделено на Марија Нестороска, за преводот на расказот „Lo scialle andaluso“ од Елза Моранте, од италијански на македонски јазик. Признанието ѝ го врачи проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет.
Второ почесно признание (споделено): Мартин Георгиев и Теодор Тасевски, за нивните преводи на расказот „Night in Tunisia“ од Нил Џордан, од англиски на македонски јазик.
Како дел од конкурсот, од 23 до 25 април во Струга се одржа студентска резиденција за книжевен превод. Ментори на тридневната работилница беа Сања Михајловиќ Костадиновска, Ели Пујовска и Душко Крстевски. По резиденцијата, кандидатите анонимно конкурираа со превод на расказ од еден од 24-те официјални јазици на ЕУ.
Конкурсот за следното издание ќе биде распишан во рана пролет 2027 година.


