„РеТранс“ – настан за дисеминација
На 16 јанаури 2024 година се одржа настанот за дисеминација на Еразмус+ проект „РеТранс“ „Интеракција со толкувачи во транзитни зони за бегалци: градење на капацитети и подигнување на свеста во контекст на високото образование“ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (Multiplier event ERASMUS+ Project ReTrans).
Носител на проектот е Универзитетот во Виена, Р Австрија кој е препознатлив по својата меѓународна академска афирмација на полето на теоријата и на практиката на толкувањето, а покрај УКИМ, стратешки ЕУ-партнери во „ReTrans“ се: Дунавскиот универзитет Кремс, Р. Австрија, Универзитетот во Марибор, Р. Словенија и Јонскиот универзитет, Крф, Р. Грција.
Надредената цел на проектот е подигнување на свеста кај академската фела и кај надлежните институции за предизвиците и спецификите на толкувањето во контекст на хуманитарната и прекуграничната миграција, како и да придонесе за диверзификација на дидактичките материјали преку развивање разновидни едукативни алатки. Стратешкото партнерство на петте транснационални универзитетски центри вклучени во овој проект има цел да подготви лесно пристапна дигитална платформа со најсовремени едукативни алатки место досегашните конвенционални прирачници, со цел опфаќање широк круг корисници (професори и студенти, претставници од владиниот и од невладиниот сектор, толкувачи професионалци, но и лаици, бегалци и други што се засегнати). Со помош на иновативни методологии и технологии за едукација на кадри и за дисеминација на знаење се промовираат водкасти, едукасти и интерактивни компјутерски симулации на автентични толкувачки интеракции.
Академскиот тим за имплементација на проектот од страна на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје (ФлФ) е во состав: проф. д-р Силвана Симоска (раководител), проф. д-р Татјана Панова-Игњатовиќ и проф. д-р Мирјана Алексоска-Чкатроска, во соработка тимот на ред. проф. Лазар Секуловски од Факултетот за драмски уметности – Скопје, кои го реализираа снимањето и постпродукциската дигитална обработка на водкастите и дел од едукастите, во кои зедоа учество и група студенти од прв, втор и од трет циклус студии
На промотивниот настан со панел-дикскусија под наслов: „Предизвиците со кои се соочуваат толкувачите и институциите во хуманитарен контекст во РС Македонија“ беа прикажани и евалуирани проектните резултати (анкета, водкасти, едукасти) од страна на учесниците и на панелистите наменети за унапредување на наставниот процес во насока на дигитализација и диверсификација на едукативните алатки за толкување во хуманитарен контекст.
Покрај, проф. д-р Силвана Симоска, раководител на проектот, со поздравна реч кон публиката се обратија и деканот на ФЛФ, проф. д-р Владимир Мартиновски, проректорот за меѓународна соработка, проф. д-р Александар Скепаровски, деканот на ФДУ, проф. м-р Бесфорт Идризи, амбасадорот на Р. Австрија во РС Македонија, Н.Е., Мартин Памер, како и Н.Е., Софија Филипиду, амбасадор на Р Грција во РС Македонија на Р. Грција во РС Македонија.
Настанот за дисеминација на РеТранс со своето присуство го удостоија исто така и г-ѓа Олга Бороданкова во својство на претставник од Делегацијата на ЕУ во РСМ, г-ѓа Нина Нанова во својство на претставник од амбасадата на СР Германија во РСМ, како и конзулот на Грција во РСМ, г-ѓа Марија Дијагума.
Панел-дискусијата се одвиваше во два дела: Претпладневна сесија: Модератор: проф. д-р Татјана Панова-Игњатовиќ Панелисти: Дејан Ивковски (Министерство за труд и социјална политика) Снежана Трајановска, директорка на Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци – Регионален Центар МАРРИ во Скопје, Владимир Бислимовски (директор, Прифатен центар за баратели на азил, Визбегово) Сандра Томовска, Црвен крст на град Скопје
Попладневна сесија: 12.30-14.00 Модератор: проф. д-р Мирјана Алексоска-Чкатроска Панелисти: Мириам Омар, толкувач, Црвен крст на град Скопје Проф. д-р Милан Дамјаноски, Филолошки факултет „Блаже Конески“-Скопје Хамид Мотамед Хосеини, толкувач
По презентацијата на колаж co инсерти од водкастите и едукастите, панелистите дискутираа на следните теми: потребите кои ги имаат бегалците при влезот во РС Македонија, улогата и општествената одговорност на толкувачите во овој контекст , соработката на институциите со толкувачите на регионално и на меѓународно рамниште, за предизвиците со кои се соочуваат толкувачите и засегнатите странки во РС Македонија и можните решенија за да се подобри состојбата за двете страни: за толкувачите и за засегнатите страни