5 мај – Ден на македонскиот јазик

5 МАЈ – ДЕН НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

На денешен ден, 5 Мај, го одбележуваме Денот на македонскиот јазик, денот кога во 1945 г. со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945 г., е усвоен и правописот на македонскиот јазик. Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со основоположничките дела на великанот на македонскиот јазик, Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Од тој момент, македонската азбука и правопис почнуваат да се користат во практиката и се впрегнуваат во секојдневната јазична употреба од сите сфери на животот. Тестот на писмената практика – македонскиот јазик го положува со највисока оцена. Доказ за тоа се илјадниците дела напишани на македонски јазик со македонска азбука и правопис: и тоа од уметничка литература до врвни научни дела, од разговорен јазик до јазик на општеството, просветата, културата и медиумите. Повеќе од седум децении македонскиот јазик е признат член на светското јазично семејство, на чие истражување работат не само македонските туку и голем број познати странски научници.
Македонскиот јазик е темелот на македонскиот идентитет. Круната на неговата кодификација е 5 мај 1945 г., денот што денес го прославуваме. Иако за првпат е прогласен за службен јазик во нашата држава на 2 август 1944 г., на Првото заседание на АСНОМ, континуитетот во развојот на македонскиот јазик го следиме уште од X-XI век, кога во црковнословенските ракописи се појавуваат првите типично македонски зборови. Тој развој продолжува низ вековите, со засилено навлегување на македонскиот народен јазик во ракописите од крајот на XVI век. Во XIX век веќе се појавува и јасна свест за посебноста на македонскиот јазик и за неговото место во јазичното семејство на светот, свест што кулминира во делото „За македонските работи“ од Крсте Петков Мисирков, објавено во 1903 г.
Оваа година, одбележувањето на Денот на македонскиот јазик има за нас посебно значење зашто конечно по 30 години можеме да објавиме дека двете македонистички катедри на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ги допрецизираа и ги сменија своите називи: Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици се преименува во Катедра за македонски јазик, а Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности во Катедра за македонска книжевност и култура. Со овој чекор комплетно се заокружува македонистиката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Денес им оддаваме почит на сите луѓе, овде и во светот, кои со почит и со љубов се однесуваат кон македонскиот јазик. Денес им оддаваме почит и на сите лингвисти и македонисти што се грижат за унапредување на македонистиката како наука за нашето најголемо, културно и духовно богатство – македонскиот јазик, но и се обврзуваме и понатаму да го чуваме, негуваме, да го афирмираме и да го развиваме како најважен столб на нашиот идентитет и најскапоцено наследство за идните генерации.
Нека ни е честит Денот на македонскиот јазик!

Катедра за македонски јазик
Филолошки факултет „Блаже Конески“
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје