Панел-дискусија „GEN Z SPEAKS: Како младите го менуваат современиот јазик?

🌍 Четири јазици, една генерација

На 1 октомври 2026 година во Europe House Skopje се одржа панел-дискусијата „GEN Z SPEAKS: Како младите го менуваат современиот јазик?“, организирана по повод Европскиот ден на јазиците. 

Во фокусот на разговорот беа младите и нивната улога во обликувањето на современиот јазик — од нови зборови, сленг и кратенки до мемиња, емотикони и иронија во секојдневната дигитална комуникација.

🎤 Своите искуства и размислувања ги споделија четворица студенти од Филолошкиот факултет при УКИМ: Лука Ѓошевски (англиски јазик), Георгиј Вучиќ (италијански јазик), Ангела Наумовска (германски јазик) и Магдалена Стојановска (француски јазик). Дискусијата ја модерираше д-р Анета Наумоска, вонреден професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност.

💬 Преку примери од четирите јазици, учесниците разговараа за тоа зошто младите избираат одредени изрази, како преку нив покажуваат припадност, став и хумор и што се случува кога тие изрази преминуваат од еден јазик во друг. Беа отворени и прашања за влијанието на социјалните мрежи, преводливоста на младинскиот сленг и иднината на европските јазици.

Разговорот го стави во преден план јазикот како жива и постојано променлива појава, во чие обликување младите активно учествуваат со својата креативност и секојдневните комуникациски избори.

✨ Можеби Gen Z не создава еден нов европски јазик, но создава нови начини на кои различните јазици разговараат меѓу себе.