Една од активностите и целите за реализирање на проектот „Лексикографската дејност како интегрален дел на филолошките науки“, е разгледување на принципите за изработка на одреден тип речници. По тој повод, од 3 до 26 ноември 2025 година, беа планирани и реализирани четири работилници, каде што стануваше збор, главно за методологијата за изработка на три терминолошки речници и еден двојазичен речник.
На првата работилница посветена на терминолошки речник од областа на фразеологијата, прво, се договори корпусот што ќе го опфаќа овој терминолошки речник, термини од областа на фразеологијата во поширока смисла, вклучително и термини од паремиологијата, како и концепција што ќе содржат речничките статии. За изработка на овој речник одговорни се истражувачите Катерина Велјановска и Биљана Мирчевска-Бошева.
Втората работилница беше посветена на терминолошки речник на дискурсна анализа. Терминолошкиот речник од областа на дискурсна анализа има пионерски карактер и може да се смета како прв чекор кон системско оформување на оваа дисциплина во македонската наука за јазикот. Самата дисциплина е од понов датум во лингвистичките проучувања општо, и е теоретски постулирана и формулирана, а со тоа и терминолошки оформена, на англиски јазик, имајќи ја предвид лингвистичката средина во која најмногу е присутна – САД. На работилницата беше заклучено дека во секој случај, отпочнувањето со работа врз оваа проблематика е значаен придонес за македонската средина. Оваа работилница ја водеа одговорните за изработка на речникот од оваа област, истражувачите Анета Дучевска и Мира Беќар.
Гордана Алексова на третата работилница зборуваше за потребите од терминолошки речник посветен на методиката на наставата по македонски јазик, при што ја нагласи потребата да се вклучат и термини од сродни дисциплини, како на пр. педагогија и други научни дисциплини. Од печатењето на овој речник ќе имаат корист и студентите што студираат македонски јазик, но и наставниците, кои го предаваат овој предмет.
Последната работилница беше посветена на изработка на двојазичен речник, словенечко-македонски, чии авторки Лидија Аризанковска и Моника Трпковска ја истакнаа потребата од ваков вид речник, за изучување и студирање на словенечкиот јазик, кој ќе содржи лексика за А и А1 рамниште и ќе биде учебно помагало наменето за студентите и за заинтересираните за овој јужнословенски јазик.


