Првото регионално истражување од областа на загубите и отпадот од храна во домаќинствата цели кон повеќе од еден милион одговори
Букурешт, 2 јули 2020 | Истражувачи од четири универзитети од Романија, Република Северна Македонија и Република Молдавија, го отпочнаа досега најголемото истражување со кое се евалуира феноменот на загубите и отпадот од храна на регионално ниво. Квантитативното истражување кое е наменето за потрошувачите, ќе биде надополнето со квалитативно истражување кое ќе опфати и други чинители кои се вклучени во ланецот на исхрана: произведувачи, преработувачи и трговци.
На светско ниво, околу една третина од производите наменети за консумација од страна на човекот завршува како отпад, што доведува до сериозни трошоци од економски и од еколошки карактер. Само во Европа, на годишно ниво, 89 милиони тони прехранбени производи завршуваат како отпад, од кои 5 милиони тони потекнуваат од Романија, која се наоѓа на 9. место на листата на загуби и отпад од храна, веднаш зад Република Северна Македонија (на 8. место).
Спроведеното симултано истражување во повеќе земји од регионот, предводено од истражувачи од Факултетот за земјоделство и ветеринарна медицина на универзитетот во Клуж – Напока (https://www.usamvcluj.ro), Универзитетот во Крајова, Романија (https://www.ucv.ro), Техничкиот универзитет во Молдавија (https://utm.md) и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (http://www.ukim.edu.mk) е прво од овој вид. Тоа е одговор на неодложната потреба за стекнување знаења во услови кога, во Република Молдавија не постои ниедно истражување на таа тема, додека, во Романија и во Македонија досегашните истражувања се недоволни и не ги вклучуваат учесниците во земјоделско-прехранбениот ланец. Резултатите ќе се вреднуваат на ниво на граѓанското општество и властите, а ќе се користат во рамките на кампањите што ќе влијаат врз подигнувањето на свеста кај потрошувачите (организирање регионални конференции, тркалезни маси, интерактивни работилници, итн.) Проектот е реализиран во партнерство со Food Waste Combat (https://www.foodwastecombat.com), невладина организација која работи на едукација околу загубите и намалување на отпадот од храна во Романија.
„Оваа соработка нè радува од повеќе аспекти: неопходно е подобро разбирање на проблемот со прехранбените отпадоци со цел преземање соодветни мерки за нивно намалување. Со нетрпение ги очекуваме резултатите од прашалникот и нивното имплементирање во нашите кампањи.“ (Ками Гуи, раководителка на борбата против отпадот од храна)
Активностите се интегрален дел од проектот АКТИФ (ACTIF) (https://actif.auf.org) „Нула отпад – за одговорно производство и консумација“, финансиран од Универзитетската агенција на франкофонијата во централна и источна Европа. „Тековната здравствена криза одново ни ја докажа важноста да обезбедиме прехранбена независност на секоја држава поединечно и сите вклучени актери да се приспособат на таа ситуација пронаоѓајќи иновативни решенија. Во тој контекст, намалувањето на отпадот од храна е приоритет. Истражувањето цели кон тоа да се евалуира моменталната ситуација во насока на борба против загубите и отпадот од храна во три земји: Романија, Република Северна Македонија и Република Молдавија, и да предложи конкретни активности за подобрување на сегашната ситуација.“ (проф. д-р Кристина Бјанка Покол, координатор на проектот, USAMV Клуж – Напока)
За УАФ
Универзитетската агенција на франкофонијата (УАФ) е водечка универзитетска мрежа во светот со повеќе од 1000 институционални членки од 118 земји, и 59 имплементации распределени на пет континенти. Како оператор на франкофонијата специјализиран во доменот на знаењата, науката и истражувањата, формирана пред 60 години, УАФ нуди поддршка во многу области како што се: обуки, истражувања, дигиталната сфера, универзитетско образование, претприемаштво и вработување на студентите, промоција на одржливиот развој итн. https://www.auf.org
Прашалникот може да се пополни на следниов линк: https://forms.gle/TqETamZTN6z6vsbS6