Конкурси на МОН за втор и за трет циклус

Министерството за образование и наука ги објави конкурсите за доделување на стипендии за студии од втор и трет циклус на високообразовните установи во Македонија, за академската 2024-2025 година.

 

 

Вкупно 50 стипендии за постдипломски и 20 стипендии за докторски студии ќе бидат доделени на македонски граѓани кои ќе се запишат на некоја од домашните високообразовни установи на програми од следните научни подрачја: природно-математичките науки (биологија, физика, гео-физика, геологија и минералогија, хемија, биохемија, математика и информатика) или на инженерство и технолошки науки (електротехника, електро-машинство, електроника и автоматика, енергетика, геодезија, градежништво и водостопанство, хемиско инженерство, хемиска технологија, компјутерска техника и информатика, машинство, материјали, металургија, применета геологија и геофизика, рударство, сообраќај и транспорт, технологија на прехранбени производи, текстилна технологија и телекомуникациско инженерство, инженерство за заштита на животна средина, инженерство за заштита на работна средина и индустриско инженерство и менаџмент); хуманистички науки и општествени науки.

 

Месечниот износ на стипендијата за постдипломски студии е 9.000 денари, за 9 месеци во годината. Додека за докторски студии ќе се исплаќаат 18.000 денари месечно, во текот на целата година.

 

Од оваа година, за стипендиите за постдипломски студии ќе може да аплицираат и студенти кои имаат завршено прв циклус на студии во траење од три години, односно 180 ЕКТС. Новото раководство на Министерството за образование и наука го прифати барањето на студентските организации за отстранување на ова ограничување од изминатите години.

 

МОН ги повикува заинтересираните кандидати да ги погледнат конкурсните услови и да аплицираат доколку истите ги исполнуваат. Потребните документи може да се достават на адреса или во писарницата на Министерството за образование и наука ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје (со назнака стипендии за академски студии од втор циклус во земјата) или електронски на: https://e-uslugi.mon.gov.mk. Рокот за аплицирање е 1 ноември 2024 година.