За студентите и наставниците на Катедрата за романски јазици и книжевности:

Драги студенти и колеги,

Задоволство ни е да ве известиме дека од академската 2022/23 нашиот факултет, преку Катедрата за романски јазици и книжевности, стана дел од Мрежата на хиспанисти во Централна Европа (Red de Hispanistas de Europa Central), којашто е дел од Средноевропска програма за универзитетска размена – ЦЕПУС (CEEPUS). Благодарение на ова вмрежување, се отворија нови можности за мобилност на студенти и наставен кадар преку неколку видови стипендии:

1.      Студентски стипендии за подолг престој (категорија STUDENT) –  во времетраење од 3 или 4 месеци, коишто може да се реализираат во текот на зимскиот или летниот семестар. Рокот за пријавување за летниот семестар за 2023 г. е до 31 октомври 2022.

2.      Студентски стипендии за краток престој (категорија SHORT TERM STUDENT) – во времетраење од 1 месец, првенствено наменети за апсолвенти, магистранти или докторанти коишто би сакале да го искористат престојот за истражувачки цели и подготовка на завршни трудови, но, исто така, овој вид стипендии може да ги користат и други категории на студенти со исполнет услов – положени испити од првите два семестри.

3.      Студентски стипендии за екскурзии (категорија  SHORT TERM EXCURSION) – во времетраење од најмногу 6 дена, коишто се наменети за групни активности во рамките на зимски и летни школи на некои од универзитетите што се дел од мрежата.

Наставниот кадар може да се пријави во категоријата наставник (Teacher) и има обврска за одржи предавања од најмалку 6 часа неделно во текот на размената, којашто може да трае од 5 дена до 1 месец.

Пријавувањето е онлајн, преку платформата  CEEPUS.

За повеќе информации, обратете се кај координаторот за КРЈК при ФЛФ, проф. Сања Михајловиќ-Костадиновска на следнава адреса: sanja.mihajlovik@flf.ukim.edu.mk.