ВТОРНИК, 29 НОЕМВРИ 2022, 18 ЧАСОТ, EUROPE HOUSE
Во јубилејното десетто издание на Конкурсот за најдобар млад преведувач „ВАВИЛОН“, со големо задоволство ви го најавуваме разговорот со Вил Фирт, кој овој месец е на преведувачка резиденција во Скопје, во рамки на проектот „Превод во движење“, финансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Во текот на својот престој тој работи на преводот на романот „Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски. Фирт е книжевен преведувач од македонски, српски, хрватски, германски и руски јазик. Дипломирал германски и руски јазик на Националниот универзитет во Канбера, Австралија. Бил стипендист на Универзитетот во Загреб и на Институтот „Пушкин“ во Москва. Од 1990 година Фирт живее во Германија, каде што работи како слободен преведувач на литература и дела од областа на хуманистичките науки.
Со Вил ќе разговара амбасадорот на наградата „ВАВИЛОН“, Владимир Јанковски, истакнат преведувач, писател и уредник.