Македонски јазик
за катедрата

Историјат на Катедрата

Катедрата за македонски јазик е првата наставно-научна институционална единица во рамките на Филозофскиот факултет, основана во 1946 година, под називот Катедра за јужнословенски јазици, со посебен Семинар за македонски јазик. Катедрата има основоположничка улога во создавањето на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Од основањето до денес својата наставна дејност Катедрата ја врши, пред сè, преку Групата за македонски јазик.

Катедрата за македонски јазик ја има честа нејзин основач и прв раководител да биде великанот на македонската наука за јазикот – професорот Блаже Конески, во чија чест и Филолошкиот факултет денес го носи неговото име. Покрај Конески, први наставници на Катедрата биле и д-р Васо Томановиќ и Крум Тошев, а веднаш по нив, во првата генерација наставници на Катедрата, се вбројуваат и д-р Радмила Угринова-Скаловска и д-р Божидар Видоески. Десетина години подоцна, во 50-тите години, на Катедрата доаѓаат и други видни имиња: д-р Оливера Јашар-Настева, д-р Ружа Паноска, како и Александар Џукески, Милка Проданова, Вида Павлоска и м-р Бистрица Миркуловска. Во 70-тите години на Катедрата ѝ се приклучуваат и д-р Живко Цветковски, д-р Стојка Бојковска, д-р Мито Миовски, д-р Лилјана Минова-Ѓуркова, д-р Кирил Конески, д-р Људмил Спасов, д-р Коста Пеев и д-р Илија Чашуле. Во 80-тите години Катедрата се збогатува со имињата на д-р Димитар Пандев, д-р Емилија Црвенковска, д-р Катерина Велјановска, д-р Чедомир Стојменовиќ, д-р Томислав Треневски, д-р Гордана Алексова, д-р Славица Велева и д-р Елена Петроска. Последниот поголем прилив на наставен кадар на Катедрата се случи во 90-тите години: д-р Анета Дучевска, д-р Татјана Гочкова, д-р Љубиша Станковиќ, д-р Ненад Вујадиновиќ, д-р Лидија Аризанковска, д-р Марјан Марковиќ, д-р Симон Саздов, д-р Искра Пановска-Димкова и д-р Станислава-Сташа Тофоска.

Во следните 25 год. Катедрата се подмлади само со тројца наставници/соработници: д-р Марија Паунова (2003) и м-р Бобан Карапејовски и м-р Бојан Петревски (2018).

Во моментов, наставниот кадар на Катедрата го сочинуваат 16 члена, од кои 12 редовни професори: д-р Емилија Црвенковска, д-р Димитар Пандев, д-р Томислав Треневски, д-р Катерина Велјановска, д-р Славица Велева, д-р Анета Дучевска, д-р Татјана Гочкова, д-р Лидија Аризанковска, д-р Марјан Марковиќ, д-р Симон Саздов, д-р Станислава-Сташа Тофоска, д-р Искра Пановска-Димкова; еден вонреден професор: д-р Марија Паунова, еден доцент: д-р Гордана Алексова и двајца асистенти: м-р Бобан Карапејовски и м-р Бојан Петревски.

Со воведувањето на ЕКТС, Катедрата постојано ги приспособува своите студиски програми кон барањата на современата наука и пазарот на трудот, па нудела и нуди повеќе студиски програми: македонски јазик – применета (апликативна) насока; македонски јазик и книжевност – наставна насока; македонски јазик – двопредметна насока; македонски јазик како втор главен предмет – македонистика (двопредметна). Од учебната 2008/2009 г. се отворија и нови студиски групи: српски јазик, словенечки јазик и хрватски јазик, на кои се запишуваат студенти наизменично на секои четири години.

Паралелно со наставата на додипломските студии, Катедрата успешно продолжува со организирање и на постдипломски студии ‒ втор циклус студии од студиската програма Македонски јазик, а учествува и во третиот циклус студии од областа Македонистика на Школата за докторски студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во оваа настава учествуваат наставниците од Катедрата, но и од други сродни институции, како и истакнати македонисти. Преку овие два степена на образование, голем број дипломирани професори по македонски јазик се стекнале со звањата магистер и доктор по филолошки науки од областа македонски јазик.

Членовите на Катедрата учествуваат во изведувањето на наставата на сите студиски групи на Филолошкиот факултет, а особено на студиските програми на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, Катедрата за превод и толкување и на Катедрата за албански јазик и книжевност. Наставниците и соработниците од Катедрата изведуваат настава по македонски јазик, како и по други лингвистички предмети и на поголем број факултети во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Грижа на Катедрата е и организирањето на наставата по македонски јазик на универзитетите во странство. Надоврзувајќи се на оваа активност, Катедрата дала значаен придонес и во организирањето на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, а преку предавања и изведување лекторска настава зеле учество сите нејзини наставници и соработници. Катедрата организира и курс по македонски јазик за странци, за странски студенти што студираат на Филолошкиот факултет „Блаќе Конески“ и за студенти дојдени по пат на размена.

Меѓународната соработка на Катедрата е видлива преку многубројните студиски престои на наставниот кадар на повеќе универзитети во различни држави во светот (како гости-професори или како лектори), а истовремено и голем број видни имиња од лингвистичкиот свет гостувале на Катедрата со свои предавања.

Катедрата се грижи за својот подмладок – за тековните студенти, кои се вклучуваат во организирањето и изведувањето на македонистички вечери, словенистички, хрватски и српски средби, а и за младиот дипломиран кадар кој може да се истакне и да го покаже својот научен интерес преку учество на научниот собир Млади македонисти, кој се одржува во организација на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на секои две години.

Наставниците од Катедрата за македонски јазик за следните генерации студенти и за пошироката јавност имаат оставено и оставаат богато печатено наследство, како во вид на зборници од одржаните научни собири така и во вид на специјализирани монографии и учебници за студентите, но и печатени материјали од многубројните меѓународни и национални проекти со кои раководеле.

Во составот на Катедрата има и библиотека. Својата активност ја започнала со мал број подарени или отстапени книги од Народната библиотека во Скопје, за денес бројот на книгите да изнесува над 15.000 наслови и списанија. Списанијата обично се набавуваат по пат на размена со домашни и со други институции од светот.

СТУДИСКИ ГРУПИ

Насоки

  • Македонски јазик и книжевност – 2023
  • Македонски јазик и книжевност – наставна насока – 2018
  • Словенечки јазик и книжевност – преведувачка насока – 2018
  • Хрватски јазик и книжевност – преведувачка насока – 2018
  • Словенечки и хрватски јазик / хрватски и словенечки јазик – 2018 преведувачка насока
  • Словенечки јазик и книжевност – студии под Б – 2018

Студиски и предметни програми

Студиски и предметни програми по МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК акредитирани во 2018 г.

Кликнете за да ја преземете студиската програма.

Студиски и предметни програми по СЛОВЕНЕЧКИ ЈАЗИК акредитирани во 2018 г.

Кликнете за да ја преземете студиската програма.

Студиски и предметни програми по ХРВАТСКИ ЈАЗИК акредитирани во 2018 г.

Кликнете за да ја преземете студиската програма.

Студиски програми акредитирани во 2013 год.

Кликнете за да ја преземете студиската програма.

Студиски програми акредитирани во 2010 год.

Кликнете за да ја преземете студиската програма.

НАСТАВНИЦИ

д-р Димитар Пандев

редовен професор

д-р Емилија Црвенковска

РЕДОВЕН ПРОФЕСОР

д-р Катерина Велјановска

РЕДОВЕН ПРОФЕСОР

д-р Лидија Аризанковска

РЕДОВЕН ПРОФЕСОР

д-р Славица Велева

РЕДОВЕН ПРОФЕСОР

д-р Анета Дучевска

РЕДОВЕН ПРОФЕСОР

д-р Симон Саздов

РЕДОВЕН ПРОФЕСОР

д-р Томислав Треневски

редовен професор

д-р Марјан Марковиќ

редовен професор

БИБЛИОТЕКА

Библиотекар:

Андреа Делипапаз

Тел.: (02) 3240-418, локал 418

email: andrea.delipapaz@flf.ukim.edu.mk

ЗА СТУДЕНТИТЕ