Еден јазик никогаш не е доволен!

Бесплатни онлајн курсеви по странски јазици 

Почитувани студенти,

Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ви нуди несекојдневна можност за посетување бесплатни онлајн курсеви по странски јазици. Може да изберете некој од следниве јазици: руски, чешки, полски, хрватски, романски и унгарски јазик. Прозорец кон нови работни можности, воспоставување мултикултурни пријателства, различната перспектива за туѓите култури и зголемена креативност се само неколку од придобивките од изучувањето нови јазици.

Наставата на курсевите ќе се одвива во текот на 10 недели по четири часа неделно, започнувајќи од 24 октомври 2023 година.

РУСКИ ЈАЗИК
Рускиот е јазик што го зборуваат околу 250 милиони луѓе низ светот. Ова е јазикот на Толстој и Достоевски, Чајковски и Баришников. Многу политичари и бизнисмени учат руски за да соработуваат со руски колеги во различни области. Македонците можеби ќе слушнат многу познати зборови на руски, бидејќи и рускиот е словенски јазик. Научете руски за да комуницирате со луѓе во Русија и многу други земји низ светот!

ЧЕШКИ ЈАЗИК
Работа и кариера: Знаењето на чешкиот јазик може да биде предност при аплицирање за работни места во Чешка или во компании што имаат бизнис-врски со Чешка.
Култура и историја: Чешката Република има богата култура и историја. Преку учење на јазикот, ќе можете подетално да се запознаете со таа култура, да го истражите историскиот контекст и да ги разберете традициите на оваа земја.
Едукација: Ако планирате да одите на постдипломски студии на некој универзитет во Чешка, знаењето на чешкиот јазик ќе биде бесценето. Студирањето во Чешка е бесплатно за сите странци, доколку студираат на чешки јазик.

ПОЛСКИ ЈАЗИК
Научете полски.
Запознајте ги културата и јазикот на еден од јазиците на Европската Унија што го зборуваат повеќе од 40 милиони луѓе низ светот. Курсот по полски јазик ќе ви помогне да ги совладате основните комуникациски ситуации на полски јазик со цел успешно да комуницирате за време на вашиот студиски, работен или туристички престој во Полска. Со познавањето на полскиот јазик имате можност за образование и работа во Полска. Ве покануваме на курсот по полски јазик на почетно ниво (А1).

ХРВАТСКИ ЈАЗИК
Учењето на хрватскиот јазик отвора можност за престој во Хрватска преку стипендии, летни и есенски школи во Загреб и во Риека и запознавање со богатата хрватска култура и историја.

УНГАРСКИ ЈАЗИК
Унгарскиот е забавен предизвик за учење. Тој е различен од повеќето европски јазици, но сепак е еден од нив. Унгарскиот е уралски јазик што се зборува во Унгарија и во делови од неколку соседни земји. Тој е официјалниот јазик на Унгарија и еден од 24-те официјални јазици на Европската Унија. Ако сакате да учите убава и уникатна култура и јазик или ако планирате да аплицирате за стипендија во Унгарија, еве ја вашата шанса. А бидејќи часовите се изведуваат на англиски, можете и тоа да го вежбате.

РОМАНСКИ ЈАЗИК

Романскиот јазик, еден од официјалните јазици на Европската Унија, е говорен од околу 28 милиони говорители. Тој е дел од групата на романски јазици, заедно со францускиот, италијанскиот, шпанскиот, португалскиот и други јазици и говори. Но романскиот јазик се одликува со една посебност, а тоа е блискоста со словенските јазици среде кои се развивал. Ве покануваме да ги откриете романскиот јазик и богатата култура што тој ја претставува.

 

Пријавувањето за курсевите го вршите со пополнување на пријавата најдоцна до 20 октомври 2023 година на следниот линк: https://forms.gle/JxN17qQjYtGfwizN6

По формирањето на групите дополнително ќе ви биде испратен мејл за почетокот на наставата.