Дознајте повеќе за факултетот

Погледнете ја историјата и приказната на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“

ЗАЧЕТОЦИ И РАЗВОЈ

Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје е високообразовна, научна и јавна установа од областа на филолошките науки (науката за јазикот, литературата и дидактиката) во Република Македонија. Основан е се закон на Владата на НР Македонија за организирање на Универзитет во Скопје во 1945 година и со посебно Решение во 1946 година, а првите предавања се одржани на 16 декември 1946 година. Првите македонски и тогаш речиси единствени научни и професорски профили …

…  Блаже Конески, д-р Михаил Петрушевски, д-р Харалампие Поленаковиќ,  д-р Ѓорѓи Шоптрајанов и Љубен Лапе – ја сочинуваа Основачката комисија и заедно со неколкуте поканети истакнати кадри од универзитетите во Белград, Загреб и Љубљана, беа основното јадро на првиот Наставно-научен совет на факултетот, со првиот декан д-р Михаил Петрушевски и продекан д-р Фран Петре, на два отсека, Филозофскиот и Природно-математичкиот. Во 1974 година Филолошкиот Факултет се конституира како посебен факултет, со формирањето на два одделни факултети – Филозофскиот и Филолошкиот. Ценејќи ги заслугите на академик Блаже Конески, како еден од основачите на Факултетот, а и неговиот целокупен придонес во развојот на Филолошкиот факултет, на македонистиката и на македонската наука воопшто, Наставно-научниот совет на 26 март 1997 година, едногласно донесе одлука факултет да го носи неговото име и да се вика Филолошки факултет „Блаже Конески“.

ДЕЈНОСТ

Во својата дејност од над 70 години, Филолошкиот факултет бележи богата традиција како институција од образовно-воспитно, научно-истражувачко и културно-духовно значење, со стекната меѓународна афирмација. Неговата целокупна дејност во областа на филологијата и културата е најтесно поврзана со националниот идентитет. Од основањето до денес, диплома стекнале над 9000 студенти, оспособувајќи се како филолози за нивната професија во областа на обра­зо­ванието и за работни места во други дејности од …

… хуманитарната област. На Филолошкиот факултет стекнале знаења и вештини плејада истакнати наставници и научници, лингвисти и книжевни теоретичари, преведувачи и толкувачи, критичари од областа на книжевноста и културата, писатели и уредници, кои со својата дејност континуирано придонесуваат како во развојот на филолошките науки така и во општествениот, уметничкиот и културниот живот во Република Македонија.

ДОМЕНИ НА РАБОТА

Успешно вклопувајќи се во комплексните зафати за осовременување на високообразовниот систем, Филолошкиот факултет прави значајни усилби за издигнување на квалитетот на наставно-образовниот процес и за развој на научната дејност. Предмет на работењето на Факултетот како наставна и научна установа од областа на филолошките науки е:
да подготвува стручњаци на додипломски, на постдипломски студии и докторски студии од областа на филолошките науки;

  • да ги воспитува студентите во духот на хуманоста, демократичноста и слобода на мислење и изразување;
  • да организира и да развива научна и истражувачка дејност;
  • да се грижи за издигнување на наставен и научен подмладок и да организира разни форми на научно и стручно образование;
  • да издава учебници, други учебни помагала, публикации, научни и стручни книги и др;
  • да работи на издигнување и усовршување на постојните кадри во соработка со други установи и институции;
  • да организира и да учестува на симпозиуми, научни собири и други научни активности;
  • да соработува со сродни наставно-научни институции во земјата и во странство со цел да се организира и упредува наставната и научната дејност на дисциплините што се изучуваат на Факултетот;
  • да организира и други форми на наставна и научна работа во рамките на други меѓународни програми и да изведува настава по странски јазици и по македонски јазик на факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како матичен факултет за овој вид настава.

ЗА ПАТРОНОТ

Блаже Конески (Небрегово, 1921 – Скопје, 1993) е еден од основоположниците на македонистиката и македонската филологија, учесник во кодификацијата на современиот македонски литературен јазик, истакнат професор, лингвист, литературен историчар, поет, прозаист, есеист, публицист, преведувач. Учествувал во втемелувањето на низа стожерни образовни и културно-уметнички институции, здруженија и манифестации: Универзитетот Св. Кирил и Методиј (бил ректор од 1958 до 1963 година), Македонската академија на …

науките и уметностите (бил прв претседател од 1967 до 1975 година), Друштвото на писателите на Македонија (бил прв претседател во 1947 година), Македонскиот ПЕН центар, Струшките вечери на поезијата. Конески е научник и писател со бележита меѓународна репутација, член на неколку академии на науките и уметностите, почесен професор на низа еминентни универзитети, лауреат на значаен број македонски и меѓународни награди и признанија, меѓу кои: Браќа Миладиновци, Хердерова награда, Његошова награда, Златниот венец на СВП, Ацо Шопов, Скендер Куленовиќ, Награда АВНОЈ, 11 Октомври, 13 Ноември, Рациново признание. Покрај во МАНУ, Конески членувал и во неколку академи на науките и уметностите: ЈАЗУ, ХАЗУ; САНУ и САЗУ.

Во обемната научна и есеистичка библиографија на Блаже Конески се вбројуваат низа неодминливи книги, студии и публикации: Македонски правопис со правописен речник (со Крум Тошев, 1950); Граматика на македонскиот литературен јазик (прв дел, 1952); За македонскиот литературен јазик (1952); Граматика на македонскиот литературен јазик (втор дел, 1954); Речник на македонскиот јазик (1961); Историја на македонскиот јазик (1965); Речник на македонскиот јазик (книга втора, 1965); Речник на македонскиот јазик (книга трета, 1966); Јазикот на македонската народна поезија (1971); Македонскиот 19. век, јазични и книжевно-историски прилози (1986); Тиквешки зборник (1987); Македонски места и теми (1991); Небесна река (Македонска книга, 1991); Светот на легендата и песната (есеи и прилози, 1993). Блаже Конески е еден од доајените на македонската современа поезија. Во неговата лирска библиографија се вбројуваат: поемата Мостот (1945), Земјата и љубовта (1948), Песни (1953), Везилка (1955, 1961), Песни (Кочо Рацин, 1963), Стерна (Мисла, 1966), Записи (1974), Стари и нови песни (1979), Лозје и песни во проза; Места и мигови (1981), Чешмите (поезија, 1984), Црква (Мисла, 1988), Златоврв (Македонска книга, 1989), Сеизмограф (Мисла, 1989), Небесна река (Македонска книга, 1991) и Црн овен (Култура, 1993). Конески е автор на книгите раскази и куси прози Лозје (1955) и Дневник по многу години (1988). Неговиот преведувачки опус е импресивен; препејувал врвни поетски остварувања од голем број јазици: германски (Хајне), руски (Блок, Брјусов, Мајаковски), полски (Мицкјевич, Словацки, Крашињски), чешки (Маха, Неруда, Незвал) српски (Његош, Максимовиќ), словенечки (Прешерн). Неговата поезија е преведена на голем број јазици.

НАГРАДИ И ПРИЗНАНИЈА

Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од своето постоење 1946 до денес има добиено повеќе награди и признанија, меѓу кои позначајни се:

– Наградата „11 Октомври“, 1976 година;
– Повелба и плакета доделена на Факултетот од Универзитетот „Кирил и Методиј“ 1976 година (по повод 30-годишнината од основањето на првата високообразовната организација во СРМ);
– Плакета на Факултетот доделена од Институтот за национална историја 1978 година;

– Пофалница од Универзитетот во Сараево, 1990 година;
– Благодарница од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (сребрен јубилеј) 1967-1992;
– Признание од Универзитетот во Полска во 1996 година;
– Награда „Климент Охридски“ во 1996 година (по повод 50-годишнината од постоењето на Факултетот, а како општествено признание за особено значајни остварувања во образованието и воспитанието од интерес за РМ).

Членовите на наставниот кадар се добитници на повеќе престижни државни и меѓународни награди и признанија за научни и уметнички достигнувања:
– Наградата АВНОЈ
– Наградата Климент Охридски
– Наградата 13 Ноември
– Наградата Гоце Делчев
– Браќа Миладиновци
– Димитар Митрев
– Стале Попов
– Ацо Шопов
– Рациново признание
– Хердерова награда
– Његошова награда
– Гетеова медаља
– Медаља од фондот на Лермонтов
– Француско одликување, Витез и офицер на легијата на честа
– Француско одликување, Рицар од редот на академски палми
– Жупанчичево признание
– Божидар Настев
– Златно перо
– Балканика
– Роман на годината
– „Нова Македонија“
– Научник на годината

ПРВ ЦИКЛУС ДОДИПЛОМСКИ СТУДИИ

Додипломските студии на Филолошкиот факултет траат 4 (четири) години, а од 2005 година наставата се изведува според критериумите на ЕКТ-системот и Болоњската декларација.
Наставно-научната работа на Филолошкиот факултет “Блаже Конески“ е организирана и се изведува преку единаесет катедри:

  1. Катедра за македонски јазик
  2. Катедра за македонска книжевност и култура
  3. Катедра за албански јазик и книжевност
  4. Катедра за туски јазик и книжевност
  5. Катедра за славистика
  6. Катедра за романски јазици и книжевности
  7. Катедра за германски јазик и книжевност
  8. Катедра за англиски јазик и книжевност
  9. Катедра за општа и компаративна книжевност
  10. Катедра за преведување и толкување
  11. Катедра за италијански јазик и книжевност

Во рамките на Факултетот од 2007 година работи и Центарот за тестирање и сертифицирање на македонскиот јазик како странски јазик.

ВТОР ЦИКЛУС ДОДИПЛОМСКИ СТУДИИ

На Филолошкиот факултет “Блаже Конески” се организираат последипломски студии од научните области јазик и книжевност, и тоа:

Македонски јазик 

Македонска книжевност 

Наука за јазик:
‐ Албански јазик

‐ Турски јазик
‐ Англиски јазик
‐ Романистика
‐ Германски јазик
‐ Славистика (Русистика)
‐ Славистика (Полонистика)

Наука за книжевност:
‐ Општа и компаративна книжевност
‐ Албанска книжевност
‐ Турска книжевност
‐ Славистика (Полонистика)
‐ Англиска книжевност
‐ Романистика
‐ Германска книжевност

МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА

Од своето постоење до денес Факултетот има остварено обемна и значајна меѓународна соработка преку склучување на меѓууниверзитетски договори, а меѓу позначајните се:
– Воронешкиот државен универзитет;
– Универзитетот Нова Сорбона Париз III, ИНАЛКО, Орлеан;
– Московскиот државен универзитет „Ломоносов“, Руска академија на науките;
– Карловиот универзитет во Прага;

– Масариковиот универзитет во Брно;
– Универзитетите во Варшава, Катовице, Позањ и Ополе;
– Јегјелонскиот универзитет во Краков;
– Универзитетот „Мартин Лутер“ во Хале;
– Универзитетот во Грац, Австрија;
– Универзитетите во Неапол, Бари, Удине;
– Универзитетите во Истанбул, Анкара, Едрене;
– Универзитетите во Тирана, Ѓирокастро;
– Универзитетите во Љубљана, Марибор, Загреб, Белград, Нови Сад, Ниш, Софија, Солун.

Со склучените меѓународни договори постигнати се договори за образовна, научна и културна соработка, за изработка на заеднички научноистражувачки проекти и теми, размена на визитинг-професори, размена на студенти и постдипломци, организирање на заеднички научни конференции, размена на специјалисти, учество на заеднички научни проекти, размена на публикации, книги, научна литература и сл.

33

ВРЕДНОСТИ

Највисоки академски стандарди и интегритет од наставниот кадар и од студентите; колегијалност и соработка; слобода на мислење и изразување; диверзитет, еднаквост и социјална правда; воспитување на студентите во духот на хуманоста и демократичноста; образование во текот на целиот живот.

56a

ВИЗИЈА

Визијата на Филолошкиот факултет е да придонесе кон развојот и благосостојбата на општеството преку високо образование во кое новите генерации ќе стекнат, применат и надградат знаења и вештини неопходни за да станат еднакви и конкурентни граѓани во новиот глобален свет. Тоа сметаме дека ќе го постигнеме преку поттикнување на дух на интелектуална љубопитност, култура на космополитизам преку учење на светските и регионалните јазици и запознавање со нивните култури, како и промовирање на највисоките научно-истражувачки стандарди. На тој начин, ние ќе продолжиме да бидеме расадник на научници, педагози, преведувачи и интелектуалци кои ќе придонесат за развојот на македонскиот јазик, култура и општество преку нивната работа, творештво и дијалог на еднакво рамниште со светот кој не опкружува.

DSC 0675

МИСИЈА

Мисијата на Филолошкиот факултет е да подготвува стручњаци од областа на филолошките науки; да организира и да развива научна и истражувачка дејност да се грижи за издигнување на наставен и научен подмладок и да организира разни форми на научно и стручно образование; да издава учебници, други учебни помагала, публикации, научни и стручни книги и др.; да работи на издигнување и усовршување на постојните кадри во соработка со други установи и институции; да организира и да учестува на симпозиуми, научни собири и други научни активности; да соработува со сродни наставно-научни институции во земјата и во странство со цел да се организира и упредува наставната и научната дејност на дисциплините што се изучуваат на Факултетот; организира и други форми на наставна и научна работа во рамките на други меѓународни програми и да изведува настава по странски јазици и по македонски јазик на факултетите на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, како матичен Факултет за овој вид настава.