Електронска адреса на Етичката комисија на УКИМ: etickakomisijaukim@ukim.edu.mk
Општи одредби
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје e институција на највисоките вредности: Вистината, Доброто и Убавината.
Основна цел на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” е Знаењето. Тоа се истражува и се развива како фундаментална и апликативна наука и се шири преку запознавање со светските научни дострели, преку размена на научни информации со другите универзитети во земјата и во странството и со пренесување преку разни медиуми. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” знаењата на најсовремен начин, им ги предава на своите студенти.
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” работат и студираат, ја развиваат науката и се усовршуваат многу стручњаци и млади кандидати од сите области на човечкото знаење и од вештините. Тие имаат големи обврски спрема Универзитетот, а меѓу себе одржуваат особени дејствени и морални односи. Должностите и моралната практика на сочинуваат специфична етика.
Основни цели и карактеристики на универзалната академска етика, па така и на етиката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, се: достојно извршување на функциите на академските институции, унапредување на научната и на наставната дејност на Универзитетот и во општеството, ширење на академската култура, почитување на академските традиции, чување на достоинството и самодостоинството на академските дејци, добри односи меѓу институциите и дејците на Универзитетот, грижа за младите, за студентите и за специјализантите, одржување и развивање на етиката на благородно однесување, на неповредување никого, на давање помош и развивање на општите хуманистички идеи. Посебните етички цели и вредности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” произлегуваат од неговата положба на најстар и најразвиен универзитет во Република Македонија и од карактеристиките на неговиот академски развој.
Изложените вредности и норми на Етичкиот кодекс на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” се задолжителни за сите негови наставници, студенти и за вработените. Тие етички норми бараат и поттикнуваат добро дејствување на Универзитетот и меѓу колегите. Сите се обврзуваат, со својата чест, дека ќе се придржуваат кон овие определби и норми како составен дел од својата академска дејност и кариера.
Основни задачи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје се: унапредување на науката и знаењето и давање високо образование и специјализација на студентите и на научните кандидати.
Посебните етички задачи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје произлегуваат од позицијата на најстар и водечки Универзитет во Република Македонија во смисла на помагање на научниот и културниот развиток на земјата и на работата на другите универзитети во земјата.
Главна етичка функција на сите негови институции и дејци е квалитетно извршување и унапредување на својата дејност, како и чување на угледот на Универзитетот и на својот личен углед како научници, наставници и студенти.
Сите дејства и односи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” се насочени кон унапредување и одбрана на академските цели, вредности и задачи, во што спаѓаат: откривање и ширење на вистината, одбрана на идејата и практиката надоблесно однесување, научно истражување во сите области, развивање на капацитетите на академските дејци, студентите и специјализантите, добра и модерна настава, демократска самоуправа, унапредување и чување на универзитетските институции, достојно меѓусебно однесување на академските дејци и институции, јавност во работењето и соработка со слични институции и со други заинтересирани за академските сознанија во земјата и во странството.
Универзитетските институции се научно и организациски автономни.
Дејствувањето и одлучувањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” се демократски и самоуправни.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” има свој грб, знаме и инсигнии, како и традиционална светска и своја универзитетска химна, а неговите институции свој грб и инсигнии, кои се истакнуваат, се користат на соодветните документи и задолжително се вклучени во универзитетскиот церемонијал во свечените прилики.
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” се следат сите форми на академските традиции – со почитување на научните дострели, со одбележување на своите, на општомакедонските и на светските научни јубилеи, со истакнување на ликовите, идеите и придонесите на бележитите научници и културни дејци, со свечености, со соодветна етикеција, со еднозначно обликувани свечени одори и со традиционални гестови и говор.
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” посебно се чуваат и се одбележуваат традициите сврзани со неговите патрони сесловенските просветители свети Кирил и свети Методиј и со нивните први ученици и следбеници свети Климент и свети Наум Охридски, основачи и водители на првиот словенски Универзитет во Охрид.
Институциите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” сами ги одржуваат редот и безбедноста во своите простори. Во нив не се дозволува влегување службеници од други професии во работни униформи и внесување оружје.
Институциите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” се рамноправни. Тие соработуваат во својата работа, во работата и соработката меѓусебно се однесуваат како братски и еднакви установи и ги развиваат формите на меѓусебна грижа и заштита. Тие развиваат соодветни органи за решавање на прашањата од заеднички интерес. Меѓусебно ги користат своите капацитети за извршување и за унапредување на академската дејност.
Сите дејци, наставници, студенти и научни кандидати на Универзитетот се рамноправни. Сите учествуваат во академската самоуправа. Статусот и звањата на секој поединечно се признаваат и важат на сите академски институции. Сите се грижат за унапредувањето на својот Универзитет и на неговите институции, како и на другите академски дејности во земјата.
Дејците и студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” се посветени на иста дејност, ги почитуваат и ги следат истите етички, човечки и работни вредности. Тие се колеги.
Односите меѓу сите негови институции, дејци и студенти се базираат врз поврзаноста во нивната дејноста и врз еднаквоста на заедничките етички вредности. Сите се сметаат блиски со другите и меѓусебно се помагаат во научната и во образовната дејност.
Во академските институции владее пристојно однесување и сите меѓусебно се ословуваат „колега”. Најдобро е да си персираат. Пожелно е и да се употребуваат граѓанските изрази „господин” и „госпоѓа”. Најблиските личности може меѓусебно да си зборуваат на „ти”. Израз на некултура и на непристојност е да има различно обраќање во оваа смисла, да не се следи реципрочноста во комуницирањето.
Меѓу универзитетските дејци и студентите владеат доверба и чесни односи на интелектуалци. Тие меѓусебно си ги почитуваат личноста, трудот, погледите и работните резултати, а работата и остварувањата ги вреднуваат објективно.
Односите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” се градат врз основа на достоинството и самодостоинството на неговите дејци и студенти. Сите меѓусебно се почитуваат. Никој не навредува и не повредува друг.
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” нема место за насилство, притисок и поткуп. Не е дозволена корупција, морално и сексуално злоставување и тој се бори против нив. Туѓи му се невоспитаноста, непристојноста и секој вид неморално и нечесно однесување – воопшто однесување кое е спротивно на граѓанските и на академските етички вредности.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” ги осудува најгрдите морални појави. Тој не дозволува во академскиот свет криминал, зависности и нивно ширење и застапување, трговија со луѓе и други видови неетички и злосторнички дејства.
Корупцијата и другите видови неетичко дејствување се неспоиви со академскиот дух и со академската дејност. Сите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” се спротивставуваат против сите видови корупција, не дозволуваат таа да се појави, ниту тие ја прават.
Посебни напори Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” вложува против нелегалното и неморално користење на туѓи достигања (плагијат), против неетичките биолошки манипулации и сличните дејства за недостојни науката.
Основна етичка вредност меѓу универзитетските дејци, наставниците и студентите е лојалноста. Тие имаат исти научни и стручни цели и негуваат меѓусебно почитување и грижа за извршување на академските функции и на високите етички вредности. Тоа се огледа и во меѓусебната присност и лојалнст на академските институции.
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” се негува еднаквост и рамноправност на сите во неговите редови и надвор од нив – не се прави никаква разлика во однос на полот, расата, верата, етничката припадност, мајчиниот јазик и социјалниот статус на личноста.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” се застапува за единствен свет и за соработка на сите луѓе во светот, како и за плурализам на интелктуалните ставови и на политичките погледи, а е против ставовите со кои луѓето се негираат според некоја природна карактеристика, социјална положба или духовна определба.
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се спроведуваат сите етички норми на академската научна и образовна работа.
Во науката се следат етичките норми на развивање на научните сознанија; на почитување на статусот на истражувачкиот предмет и област; на автентичност и оригиналност на сознанијата, на поврзување во истражувањето со другите истражувачки и научни институции во земјата и во светот, на достапност на сознанијата за сите заинтересирани, пред се за научната јавност.
Сите научни сознанија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ му припаѓаат на неговиот научен корпус. Треба да се наведе дека нивните создавачи се членови на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и дека тие сознанија се создадени во рамките на неговата дејност.
Научните сознанија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се рецензираат со ажурност и со научна објективност и справедливост. Рецензиите се јавни.
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ не се манипулира со научните сознанија, ниту се користат за нехумани и неетички цели. Предвидени се и санкции за таквите постапки, меѓу кои најстрого се осудува преземањето сознанија без наведување на изворот (плагијат). Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ги штити правата на интелектуална сопственост.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ги обучува своите студенти, постдипломци и докторанди за ваквите етички функции на науката. Сите тие имаат обука за општите светски и национални стандарди во етиката и биоетиката, како и посебна обука за професионалната етика.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” развива постојана и блиска соработка со сличните институции во земјата и во странството. Во таа соработка тој ги применува највисоките норми на етичкото однесување – пријателско настапување, доверба, колегијално договарање, чесност во постапките и одговорност за преземените задачи.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” поттикнува интердисциплинарна соработка и студии, со кои на најдобар начин се поддржува врската и заедничката работа на научниците и студентите од разни области.
Во институциите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” работењето е јавно – нивните предавања се отворени, редовно ги презентираат своите научни резултати, испитите задолжително се јавни, а оценките образложени и редовно ги евалуираат достигањата на своите дејци и студенти.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” и неговите институции градат форми на стимулирање на своите дејци, посебно на студентите, за успех во работата, воопшто за грижа за сопственото лично напредување и за општиот прогрес. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” соодветно ги наградува нивните високи дострели, а тоа се објавува во академската средина и во општествената заедница.
Во духот на високите академски вредности и на блиските односи меѓу академските дејци, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” се пофалуваат сите оние кои постигнале успех, посебно студентите и младите научни работници.
Дејците на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” се личности со висока одговорност за своето однесување и за дејноста на својата институција и на Универзитетот во целост. Притоа, одговорноста соодветствува на местото во академската хиерархија.
Посебни аспекти на одговорноста се однесуваат на обврската за унапредување на научната и на наставната дејност, за зголемување на капацитетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” и на неговите институции, за соработка со другите академски институции, за коректност во користењето на изворите и на сознанијата на другите. Одговорноста посебно се потцртува во однос на правилното насочување на младите кон етичност, исправно живеење и чесно научно и стручно дејствување.
Сите научни ресурси (библиотеки, книги, лаборатории, апарати, средства) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” постојано се развиваат и се користат правилно. Тие се достапни за сите од Универзитетот, како и за сите академски институции во земјата и во странство. Нив сите ги чуваат за да послужат и за другите. Академските дејци не ги задржуваат овие средства во свој посед, за да не им пречат на другите да ги користат.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” се грижи за слободните, за духовните стремежи, кои, како начин на развивање на академскиот дух и на сознанијата, посебно им се препорачуваат на младите.
Co соодветни социјални и економски мерки, тој се грижи и за материјалните услови за работа на неговите дејци.
Посебна грижа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” е посветена на материјалната положба на студентите и на специјализантите: им се помага да користат стипендии и други фондови корисни за нивниот развиток, се организира заштита на нивното здравје, се организира или се помага основање на студентски домови и на објекти за добра и евтина исхрана, им се овозможува користење на сите научни фондови на академските институции, за чие ширење, добро работење и унапредување се грижи самиот Универзитетот.
Студентите и младите научни кадри на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” целосно, правилно и благовремено се запознаваат со своите права и со можностите за студирање и за стипендирање, како и со другите потенцијали за нивниот личен развој во земјата и во странството. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” настојува и дава иницијатива и помош за унапредување на положбата на студентите и на младите стручњаци во рамките на општеството, се залага за создавање прописи и други можности за нивно промовирање и за вклучување во дејствените, културните и социјалните процеси.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” ги унапредува духот и практиката на филантропијата и се ангажира за создавање фондови, фондации и легати, кои ќе помогнат во академската дејност, посебно во работата и во подобрувањето на материјалните услови за студентите и за младите научни кадри.
И со актите и со постојаната образовна и правна активност, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” не дозволува да се појави ниедна форма на корупција во однос на студентите и младите научници. Тоа се однесува на сите видови поткуп, насилничко однесување, уценување, манипулирање со студентите и со подредените во хиерархијата, како и на другите видови нехумано и неморално дејствување, посебно на секој вид морално и сексусално искористување. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” посебно се застапува за фер оценување, за регуларност на приемните и на другите испити и за правилно доделување стипендии, грантови и други видови материјална поддршка на студентите за нивно живеење, студирање и научно работење.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” посебно ги заштитува студентите, специјализантите, младите научни работници и женските личности во своите редови од секаков вид притисок, уцени и малтретирање.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” не дозволува приватизирање на научната и на наставната дејност, непотизам, искористување на позицијата за уцена на студентите и на подредените, продажба на учебници, книги и на други наставни материјали во форма на уцена, искористување на работното место и на позицијата за нечесно заработување во наставата и на испитите (приемните и редовните).
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” посебно се грижи за здравјето и за културното воздигнување на своите студенти и ги унапредува спортските и културните активности на младите во своите редови.
* * *
Овие норми на Етичкиот кодекс на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” се задолжителни за сите негови наставни дејци, за студентите и за вработените. Тие се обврзуваат со својата чест дека ќе ги чуваат и извршуваат овие определби и норми како своја света должност и како составен дел од својата академска кариера и дејност.