Конференцијата ќе се одржи на 29 – 30 ноември 2024 година во Скопје, во
соорганизација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, УКИМ, Скопје,
Институтот за македонска литература, УКИМ, Скопје и Факултетот за драмски
уметности, УКИМ, Скопје. По тој повод имаме чест и задоволство да Ве поканиме да
учествувате со свое излагање. Конференцијата ќе биде од хибриден карактер, со
можност за учество со физичко присуство или со вклучување онлајн.

Проблемско поле на конференцијата

 

Уште од своите почетоци митот и драмата/театарот се длабоко испреплетени, а
нивниот плоден дијалог овозможува разновидни и возбудливи креации и
(ре)интерпретации. Митовите традиционално се појдовна точка на многубројни
драмски текстови и театарски изведби, при што современата драмска/театарска
продукција сведочи и за потребата од нивно препрочитување и субвертирање,
поставувајќи го и прашањето за создавањето на нови митови во светлото на
предизвиците на совремието.
Оттука, целта на оваа интердисциплинарна конференција е историски и
дијахрониски да ги разгледа и да ги осмислува релациите меѓу концептите на
митското мислење и драмското/театарското творештво според критичкиот арсенал на
книжевно–компаративистичкиот пристап и критичкиот интерес на театрологијата за
естетиката, семиотиката и драматургијата на старите и новите (при)кажувања во
драмата/театарот.
Во предизвикот да ги осмислиме и да ги споделиме размислувањата од она што
сме го прочитале како драмско дело или она што сме го виделе како театарска
претстава, ги предлагаме следните насоки како возможни аналогии на афинитети меѓу
митот и драмата/театарот:

Предлози за теми

 

  • Митот и драмата/театарот низ историјата
  • Античките митови во современата драма/театар
  • Современи критички читања на традиционалните драми и митови
  • Реинтерпретации/репрезентации на митот во современата драма и театар
  • Митот како драма/драмата како мит
  •  Деми(с)тификации на митот и драмата
  •  Интердисциплинарни толкувања на митот и драмата: родова теорија,
    постколонијална теорија, психоаналитичка теорија…
  • Мит, драма/театар и идентитет
  • Мит и ритуален театар
  • Мит и постдрамски театар
  • Митот драмата/театарот во добата на дигиталните технологии и вештачката
    интелигенција
  • Митот и драмата/театарот во ерата на постхуманизмот
  • Нови митови

Упатство за учество и важни датуми

 

  • Секој автор може да се пријави со еден труд (самостојно или во коавторство) за
    учество на конференцијата.
  • Покрај апстракт (до 250 збора, напишан на еден од работните јазици на
    собирот), авторите треба да внесат име и презиме, професионална афилијација,
    наслов на предложениот труд за презентација и клучни зборови во пријавата.
  • Пријавување: најдоцна до 31 мај 2024 г. на адресата
    mit_drama@iml.edu.mk
  • Авторите ќе добијат известување за прифаќање/одбивање на апстрактот
    најдоцна до 15 јуни 2024 г.
  • По завршувањето на собирот трудовите ќе бидат објавени во зборник. За
    роковите, формата и обемот на трудовите авторите ќе добијат дополнителни
    информации.
  • Работни јазици на собирот: македонски, француски, англиски и јужнословенски
    јазици.

Воведен говорник:

 

Светлана Слапшак, редовен професор и декан во пензија,
Институт за балкански и медитерански студии и култура, ИБАМЕСК, Љубљана,
Словенија.

 

Програмски одбор:

 

проф. д-р Деспина Ангеловска, Факултет за драмски уметности, УКИМ, Скопје
проф. д-р Дарин Ангеловски, Институт за македонска литература, УКИМ, Скопје
проф. д-р Наташа Аврамовска, Институт за македонска литература, УКИМ, Скопје
доц. д-р Ивица Баковиќ, Филозофски факултет, Универзитет во Загреб
проф. м-р Бесфорт Идризи, Факултет за драмски уметности, УКИМ, Скопје
проф. д-р Владимир Мартиновски, Филолошки факултет „Блаже Конески“, УКИМ,
Скопје

проф. м-р Жанина Мирчевска, Академија за театар, филм, радио и телевизија,
Универзитет во Љубљана
доц. д-р Кристина Н. Николовска, Филолошки факултет „Блаже Конески“, УКИМ,
Скопје
научен советник, д-р Лада Стевановиќ, Етнографски институт, САНУ, Белград
проф. д-р Весна Томовска, Филозофски факултет, УКИМ, Скопје
проф. д-р Даниела Тошева, Филозофски факултет, УКИМ, Скопје
проф. д-р Игор Штикс, Факултет за медиуми и комуникации, Белград / Филозофски
факултет , Универзитет во Љубљана


Организациски одбор:


проф. д-р Деспина Ангеловска, Факултет за драмски уметности, УКИМ, Скопје
проф. д-р Дарин Ангеловски, Институт за македонска литература, УКИМ, Скопје
доц. д-р Кристина Н. Николовска, Филолошки факултет „Блаже Конески“, УКИМ,
Скопје

International Conference on

MYTH AND DRAMA:Contemporary Interpretations