Лексикографската дејност како интегрален дел од филолошките науки

Лексикографската дејност како интегрален дел од филолошките науки

Проект на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје

 

Проектот „Лексикографската дејност како интегрален дел на филолошките науки“ се темели на три главни постулати: 1) постојната лексикографска дејност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ (Марков Б., Ермакова Л., Краток фразеолошки руско-македонски речник: (учебно помагало). Скопје: Универзитет „ Св. Кирил и Методиј”; 1981. 83 стр.; Мургоски З., Речник на македонскиот јазик (прво издание) Скопје: Филолошки факултет „Блаже Конески”; 2005.; Мургоски З., Толковен речник на современиот македонски јазик (второ проширено и преработено издание), Скопје: Филолошки факултет „Блаже Конески” , 2011, 1498 стр.; Чундева Н., Најческа-Сидоровска М., Накев С., Руско-македонски речник = Русско-македонский словарь. Скопје: Филолошки факултет „Блаже Конески”; 1997. 989 стр.; Тасевска Р., Речник на антонимите во македонскиот јазик со руски еквиваленти. Скопје: Филолошки факултет „Блаже Конески”; 2011. 519 стр.); 2) потребата од развивање на оваа дејност на факултетот: во своите наставни програми, Филолошкиот факултет постојано го зајакнува преведувачко-толкувачкиот профил, како и теоретските предмети во овој и во другите профили што се нудат како можност за студирање (наставен, културолошки, книжевен, странски јазици). Оттаму потребата од изданија во вид на речници (еднојазични, двојазични, стручни), поимници, глосари, кои се примарна алатка за секој студент и наставник; 3) во недостаток од системска поставеност на лексикографската дејност, т.е. од досегашното искуство на непостојано и непрофилирано делување во оваа сфера, од голема важност ќе биде оформување посебен оддел за лексикографија при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, кој би се посветил токму на изработка и издавање лексикографски изданија од споменатите типови. Имајќи ја предвид олеснителната околност, од многу аспекти, оваа дејност да биде дел од факултетот, сметаме дека сите подготовки и активности во врска со оформувањето на одделот да произлезат од работа врз научноистражувачки проект е повеќе од добра можност. Развивање на лексикографската дејност со нови изданија и формирање посебен оддел во голема мера ќе ја продлабочи соработката меѓу наставниците и истражувачите од оваа област, афилирани и при Филолошкиот факултет и кон други слични институции во меѓународната средина. Преку размена на знаења и податоци со колеги од странски универзитети, на редовна основа, или наменски, на собири, тркалезни маси, работилници, резултатите од проектот би донеле осовременети и нови пристапи кон лексикографската обработка на јазичниот материјал, пред сѐ за македонскиот јазик, но и за странските јазици што се изучуваат кај нас. Исто така, незанемарлив е и фактот што лексикографските изданија можат да најдат директна употреба во неакадемски институции (државна управа, конзуларни претставништва, и сл.).

 

Истражувачки тим:

проф. д-р Катерина Велјановска, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, главен истражувач

проф. д-р Анета Дучевска, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, истражувач

проф. д-р Гордана Алексова, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, истражувач

проф. д-р Лидија Аризанковска, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, истражувач

проф. д-р Биљана Мирчевска-Бошева, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, истражувач

проф. д-р Мира Беќар, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје,истражувач

м-р Љупка Евроска, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, помлад истражувач

м-р Моника Трпковска, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, помлад истражувач

 

Проектот „Лексикографската дејност како интегрален дел од филолошките науки“ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје се реализира со поддршка од Министерството за образование и наука преку Конкурсот за распределба на средства за финансирање на научно-истражувачки проекти на државните универзитети факултети/научни институти/МАНУ за 2025 година.