ЦЕЕПУС мрежата FISH

Во рамките на ЦЕЕПУС мрежата FISH (French, Italian, SpanisH) – Romance Languages and Cultures – Strategies of Communication and Culture Transfer in Central Europe, чија членка станавме на почетокот на оваа година, од 22 до 31 август 2024 година во Будимпешта (Унгарија) се одржа летен универзитет, на кој зедоа учество наставници и студенти од прв, втор и трет циклус студии од универзитетите кои се дел од мрежата. Тие одржаа предавања на теми поврзани со централната тема на мрежата, следени од интересни дискусии кои ја истакнаа важноста на контактите меѓу романските јазици, како и нивната врска со јазиците и културите од земјите од Централна Европа. 
Програмата на летниот универзитет беше збогатена со посета на културни институции и на настани кои ја отсликуваат богатата традиција на земјата домаќин.
Од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ учество на летниот универзитет зедоа д-р Јоана Хаџи-Лега Христоска, факултетски координатор на мрежата, Ирена Стефановска, студент на постдипломски студии по француска книжевност, и Сандра Јовановска, студент на Катедрата по италијански јазик и книжевност.