Научноистражувачки проект „Електронска база на усни продукции од македонски изучувачи на францускиот јазик (ФРАНКОРАЛ)“

 

Проекти финансирани од УКИМ

Главен истражувач: д-р Милена Касапоска-Чадловска, доцент, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје
Истражувачи:
м-р Милена Недевска, виш лектор, Филолошки факултет „Блаже Конески“- Скопје
м-р Анита Кузманоска, виш лектор, Филолошки факултет „Блаже Конески“- Скопје
д-р Николче Мицкоски, асистент-истражувач, Лексикографски центар „Георги
Старделов“, Македонска академија на науките и уметностите
д-р Бранислав Геразов, вонреден професор, Факултет за електротехника и информатички
технологии, Универзитет „Св. Кирил и Методиј” – Скопје

 

1. Резиме на проектот
Научноистражувачкиот проект „Електронска база на усни продукции од македонски изучувачи на францускиот јазик (ФРАНКОРАЛ)“, предложен од Филолошкиот факултет
„Блаже Конески“, Скопје, беше реализиран во текот на академската 2023-2024 година, со финансиски средства од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје. Во рамки на проектните активности беше креиран електронски репозиториум на аудиоснимки од усни продукции од македонски студенти кои го изучуваат францускиот како странски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Скопје. Примерокот испитаници се состоеше од 31 актуелни и поранешни студенти од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, односно од Катедрата за романски јазици и книжевности, од Катедрата за преведување и толкување, студенти од други катедри на Филолошкиот факултет кои го изучуваат францускиот јазик како изборен предмет, како и студенти од студиската програма Применети странски јазици. Електронската базата се
состои од вкупно 131 усни продукции (28 монолози, 28 дијалози, 32 описи на фотографии и 43 аудиозаписи од читање на текст на француски јазик). Проектот се одвиваше во три последователни етапи. Во првата етапа беа изготвени документите потребни за снимањето: согласност за учество во проектот, формулар со метаподатоци за испитаниците, и беа формулирани јазичните стимули врз основа на кои беа реализирани аудиозаписите. На оваа етапа ѝ претходеа самостојни истражувања и консултирање на обемна стручна литература од страна на проектниот тим. Во втората проектна етапа беше снимен аудиоматеријалот, во соодветни лабораториски простории опремени со кабини за конференциско толкување на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, со помош на потребната техничка и информатичка опрема.  Во рамките на третата проектна етапа беше креирана електронската база со претходна техничка обработка на аудиозаписите, нормализирање и компресија во формат MP3 и транскрибирање на записите врз основа на претходно утврден протокол.

 

2. Цели на проектот
Овој проект претставува значаен научен придонес во повеќе области, меѓу кои методика и дидактика, фонетика и фонологија, морфосинтакса, семантика, прагматика, лексикологија, контрастивна граматика и социолингвистика. Дополнително, тој ќе има практична вредност во педагошката работа и во унапредувањето на постојните наставни програми по француски јазик – не само на Катедрата за романски јазици и книжевности, туку и во наставните планови и програми за сите образовни нивоа каде се изучува јазикот. Креираниот материјал во базата ќе биде директно применлив во наставата по француски како странски јазик, при што студентите од прв, втор и трет циклус ќе можат да реализираат јазични истражувања засновани на современи научни методи и емпириски податоци.

 

3. Резултати од проектот
Снимениот аудиоматеријал е поставен и достапен на бесплатната европска платформа Zenodo, на следниот линк: https://zenodo.org/records/14541061. Дополнително, креирано беше и мрежно место за хостирање на базата, поддржано од платформата TEI:TOK: Francoral Project. Во моментов, на платформата постои можност само за основни пребарувања во базата, а во меѓувреме се работи на развивање на дополнителни функционалности и опции. Преку креираните линкови, електронската базата на усни продукции им е веќе достапна на истражувачите од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје и на пошироката научна заедница и може да се користи за реализирање корпусни јазични истражувања поврзани со меѓујазикот и со усвојувањето на францускиот како странски јазик.


3.1. Научноистражувачки активности поврзани со проектот
Резултатите од научноистражувачкиот проект досега се претставени на следните домашни и меѓународни собири:
– Меѓународен научен собир „Втори романистичко-балканистички средби (во чест на 100-годишнината од раѓањето на Божидар Настев)“ (12 и 13 декември 2024
година), во организација на Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

– Манифестација Денови на Франкофонијата (март 2025 година). Презентацијата на проектот вклучуваше и кратка работилница за транскрибирање на усни продукции.

– Студиски ден  во рамките на меѓународниот франкофонски проект БИБЛИЛИТЕФРА (од 2-4 април 2025), на Универзитет во Љубљана, Словенија.

 

Врз основа на податоците од базата на усни продукции досега се реализирани и неколку јазични истражувања, а во тек на изработка е една дипломска тема:
– Kasaposka-Chadlovska М., Nedevska М., Kuzmanoska А., Mickoski N., Gerazov B., Méthodologie pour la constitution de FRANCORAL (base de productions orales d’apprenants macédoniens de la langue française), Меѓународен научен собир „Втори романистичко-балканистички средби (во чест на 100-годишнината од раѓањето на Божидар Настев)“, Катедра за романски јазици и книжевности, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, 12 и 13 декември 2024 година.
– Nedevska М., Les erreurs dans l’usage des prépositions françaises simples (analyse des productions orales de la base FRANCORAL) Меѓународен научен собир „Втори романистичко-балканистички средби (во чест на 100-годишнината од раѓањето на Божидар Настев)“, Катедра за романски јазици и книжевности, Филолошки
факултет „Блаже Конески“ – Скопје, 12 и 13 декември 2024 година.
– Nedevska М. Предизвикот да се зборува на француски како придонес во научното истражување: перспективи на истражувачите и на учесниците во проектот,
Студиски ден  во рамките на проектот Библилитефра, Универзитет во Љубљана, 2- 4 април 2025 година.
– Kasaposka-Chadlovska, M., Nedevska M., Morphosyntactic Errors in the Oral Interlanguage of Macedonian Learners of French as a Second Language, 18th
conference on Syntax, Phonology and Language Analysis (SinFonIJA 18), Blaže Koneski Faculty of Philology, Ss Cyril and Methodius University in Skopje, Republic of North
Macedonia, 26 – 27 September, 2025.
– Употреба на глаголските времиња во усното изразување на изучувачите на францускиот како странски јазик: анализа на аудиоснимки од електронската база ФРАНКОРАЛ (дипломска тема во тек на изработка).


3.2. Опремена акустична просторија на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ –
СкопјеВо рамки на научноистражувачкиот проект беше набавена професионална аудио опрема која е поставена во соодветно опремена акустична просторија, реализирана со
финансиска помош од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Скопје. Акустичната просторија ќе овозможи континуирана работа на јазични бази и корпуси од страна на наставноистражувачкиот кадар и од студентите на Филолошкиот факултет.

 

4. Перспективи за користење на базата и за нејзина надградба: 
– Директна примена во наставата по француски јазик;
– За развој и модернизација на студиските програми по француски како странски јазик; 
– За креирање наставен материјал адаптиран на специфичните потреби на македонските изучувачи/студенти на францускиот јазик;
– Надградба со мултимодални податоци, како видео-снимки, со цел истражување на гестовите и невербалната комуникација во усвојувањето на францускиот јазик;
– Збогатување со усни продукции од изучувачи на други странски јазици на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Скопје и на други Универзитети во Македонија;
– Збогатување со усни продукции од студенти по симултано и консекутивно толкување на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Скопје;
– Партнерства со меѓународни универзитети : соработка со истражувачи во доменот на корпусната лингвистика и размена на податоци за реализирање компаративни
студии (паралелни корпуси).