Меѓународна научна конференција за митот и драмата за првпат во Скопје

Во просториите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје ќе се одржи дводневна меѓународна научна конференција со наслов Мит и драма: современи интерпретации (29-30 ноември 2024). Настанот е организиран под покровителство на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје, а во соорганизација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, УКИМ, Скопје, Институтот за македонска литература, УКИМ, Скопје и Факултетот за драмски уметности, УКИМ, Скопје. Повеќе од педесет експерти од областа на хуманистичките науки и театарските студии, кои истражуваат во земјава и во странство (Франција, Италија, Шпанија, Грција, Хрватска, Србија, Бугарија, Мароко, Финска и др.), ќе дискутираат за комплексните релации меѓу драмата и митот, од времето на антиката па сѐ до денес, во глобални рамки.

Конференцијата предвидува и две пленарни предавања, од истакнати професорки од оваа област: Светлана Слапшак (редовен професор и декан во пензија, Институт за балкански и медитерански студии и култура, ИБАМЕСК, Љубљана) и Катерина Колозова (редовен професор и директор на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје). Свеченото отворање на конференцијата е закажано за на 29 ноември во 10 ч., во просториите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. По завршувањето на конференцијата, предвидени се и презентации на резултатите од работилниците наменети за студенти, по креативно пишување и театарска изведба, кои ги водеа професорите Зоја Бузалковска, Маја Стевановиќ и Александар Степанулевски од Факултетот за драмски уметности во Скопје.

 

Конференцијата е отворена за сите заинтересирани, а програмата е достапна на следниов линк:

 

https://flf.ukim.mk/wp-content/uploads/Mit-i-drama_Programa-.pdf