Во 1992 година, по завршувањето на студиите по англиски јазик и книжевност со висок просек на Филолошкиот факултет „Блаже Конски“ во Скопје, Витанова-Стрезова го добива звањето „професор по англиски јазик и книжевност“. Магистрира на Кралскиот колеџ, при Универзитет во Кембриџ, 1996 година во полето на британската и европската книжевност и го стекнува звањето „магистер по филолошки науки од областа на англиската книжевност“. Докторската дисертација ја одбранува на Филолошкиот факултетот во Скопје, 2008 година, стекнувајќи го звањето „доктор по филолошки науки од областа на англиската книжевност“.
Од 01.10.1993 – 01.10.1998 стапува во постојан работен однос во Собранието на Република Македонија како преведувач/толкувач во стручните служби и Кабинетот на претседателот на Собранието. На 01.10.1998 се вработува на Факултетот каде што и денес работи.
Учествувала во повеќе домашни проекти, организирани од Министерството за култура на Република Македонија, како и од Филолошкиот факултет во Скопје. Од меѓународните проекти се издвојува нејзиното учество како раководител на националниот проект ‘‘Dickens Bicentenary Event’’, како дел од меѓународниот проект ‘‘Dickens 2012’’ на Британскиот совет за глобално прославување на двестегодишнината од раѓањето на Дикенс.
Реализира повеќе студиски престои во странство каде врши истражувачка работа од областа на англиската книжевност и се доусовршува за настава во полето на англистиката. Како корисник на стипендијата ТЕМПУС остварува два студиски престои во Брисел каде се обучува за држење настава по конференциско толкување. Таа е еден од основачите на специјалистичкиот мастер курс по конференциско толкување при Филолошкиот факултет во Скопје, во рамките на кој има предавано консекутивно толкување. Држела настава за обука за бележење и консекутивно толкување и работела како хонорарен толкувач за повеќе домашни и меѓународни организации.
Има богата факултетско-административна актива. Тековно е раководител на Наставно-научниот колегум од научната област наука за книжевност и културолошки студии. Била ментор на 12 одбранети магистерски труда и две одбранети докторски дисертации и тековно изведува менторство на одобрени магистерски и докторски трудови коишто се во процес на изработка. Раководела со повеќе проект работилници при Факултетот на теми од англофонската книжевност. Од 2011-2022 била претседател на Здружението на англистите на Македонија (ЗАМ) во „Европското здружение на англисти“ (ЕЅЅЕ). Од 2011-2014 година била дописен член на елитното меѓународно Здружение на англисти (English Association). Учествувала во многу меѓународни, регионални и домашни конференции за британската книжевност во Оксфорд, Истамбул, Ниш, Улцињ, Скопје и други.
Книги (научни – автор, уредник, ко-уредник и/или автор и уредник):
Библиографија на научни и стручни статии (избрани поважни библиографски единици):