Во рамки на проектот „Лексикографската дејност како интегрален дел од филолошките науки“, на 19.03.2026 година се одржа тркалезна маса посветена на актуелните предизвици во современата лексикографија.
Настанот го отворија проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, и проф. д-р Катерина Велјановска, раководител на проектот, истакнувајќи ја важноста од меѓународната соработка во работата на конкретниот проект, но и во развојот на лексикографската дејност, воопшто.
Во првиот дел од настанот, гостите од Институтот за хрватски јазик во Загреб: Маријана Хорват, Лана Худечек, Милица Михаљевиќ, Барбара Ковачевиќ и Кристијан Левис, како и Наташа Јакоп од Институтот за словенечки јазик во Љубљана ги споделија своите богати искуства и добри практики поврзани со изработката на терминолошки и двојазични речници.
Во вториот дел, членовите на проектниот тим се осврнаа на конкретните предизвици и дилеми со кои се соочуваат при подготовката на лексикографски изданија.
Настанот заврши со опсежна и плодна дискусија, во духот на научна размена и со јасна заложба за продлабочување на идната соработка.