Виртуелен музеј Конески
Проект на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје
Основната цел на проектот „Виртуелен музеј Конески“ е да се обработи и претстави обемниот архивски материјал оставен од Блаже Конески и од неговото семејство, што се чува во Архивот „Харалампие Поленаковиќ“ на МАНУ. Проектот предвидува заштита, систематизација и дигитализација на различни видови изворни документи од Конески и нивно претставување на научната и на пошироката јавност во дигитална форма, научни трудови, публикација, изложба и работилници. Имајќи предвид дека станува збор за необработени материјали од највисоко национално и научно значење, се очекува проектот да овозможи проучување на научниот и книжевен придонес на Конески од нови перспективи, современо претставување на неговиот лик и дело, како и примена на архивскиот материјал во наставно-образовни цели и во промоција на македонскиот јазик и книжевност во светот. Проектот се вглобува во современите светски текови во хуманистичките истражувања, во кои особено внимание се посветува на обработка на архивската граѓа, како една од најважните форми на културно наследство. Се очекува, исто така, овој проект да овозможи надградба на капацитетите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ за дигитализација на вреден книжен материјал. Проектот ќе ја зајакне, исто така, и соработката меѓу различни инстутуции кои се грижат за македонскиот јазик и книжевност и ќе предложи модел за обработка и претставување на архивски материјал од други важни книжевници и научници.
Истражувачки тим:
проф. д-р Руска Ивановска-Наскова, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, главен истражувач
проф. д-р Владимир Мартиновски, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, истражувач
проф. д-р Бранислав Геразов, Факултет за електротехника и информациски технологии, истражувач
д-р Давор Јанкулоски, Истражувачки центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“, МАНУ и Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, помлад истражувач
д-р Марија Пандева, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, помлад истражувач
д-р Ема Лакинска, Институт за македонска литаратура, помлад истражувач
Љубомир Ѓоревски, Архив „Харалампие Поленаковиќ“, МАНУ, архивист
Иван Блажев, Архив „Харалампие Поленаковиќ“, МАНУ, архивист-фотограф
Проектот „Виртуелен музеј Конески“ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје се реализира со поддршка од Министерството за образование и наука преку Конкурсот за распределба на средства за финансирање на научно-истражувачки проекти на државните универзитети факултети/научни институти/МАНУ за 2025 година.